Aмериканската централна банка на вчерашниот состанокот одлучи да ја задржи основната каматна стапка непроменета на целното ниво помеѓу 1,5-1,75 проценти, откако претходно беше намалена трипати во текот на оваа година.

Централната банка оцени дека сегашното ниво на каматните стапки е соодветно со оглед на околностите на пазарот и очекува каматната стапка да остане на постојните нивоа во текот на следната година, додека во 2021 и 2022 година очекува скромен раст на каматни стапки според проценетото неутрално ниво од 2,5 проценти.

И покрај рецесијата во производствениот сектор и постојаните трговски неизвесности, американската економија продолжува да бележи солидни перформанси со просечна стапка на раст од над 2 проценти оваа година, додека стапката на невработеност се наоѓа на историски најниско ниво од само 3,5 проценти. Во такви околности, нема причина за понатамошно намалување на каматните стапки, кое освен што стимулира економска активност, ја зголемува склоноста кон ризични форми на инвестиции и потенцијално може да ја загрози финансиската стабилност.

Иако американската централна банка јасно стави до знаење дека нема намера дополнително да ги намали каматните стапки на краток рок (освен во случај на значително влошување на економските перформанси), реториката јасно покажа дека каматните стапки во САД ќе останат ниски подолг временски период. Слична слика може да се очекува и во другите водечки економии, вклучувајќи ја и еврозоната, која би можела потенцијално и дополнително да ја намали каматната стапка на депозитите во наредните месеци. Сето тоа имплицира дека каматните стапки на домашниот пазар ќе останат на тековно ниско ниво подолг временски период.