Глобалната економија неделава се соочува со низа важни настани, а инвеститорите највнимателно ќе ја следат одлуката на американската централна банка ФЕД за каматните стапки.
Каматните стапки во САД моментално се движат меѓу 4,25 и 4,5 отсто, а пазарите генерално очекуваат тие да останат на исто ниво. Американската централна банка ќе ја објави својата одлука во среда, на 19 март, во вечерните часови.
Покрај оваа одлука, ФЕД ќе објави ажурирани економски проекции кои вклучуваат раст на БДП, инфлација, невработеност и каматни стапки. Американските агенции, исто така, ќе објават податоци за продажбата на мало, индустриското производство и пазарот на домување, вклучително и градежни дозволи и податоци за продажба на домови.
Следната недела, одлуките за каматните стапки ќе бидат објавени во Јапонија, Кина, Обединетото Кралство, Бразил, Швајцарија и Шведска, пишува Trading Economics.
Банката на Англија, според пазарните проценки, ќе ги задржи каматните стапки на сегашните 4,5 отсто, а одлуката ќе биде објавена во четврток, на 20 март, во 13 часот.