Американската централна банка ФЕД конечно крена раце од евтините пари. Критичарите стравуваат дека тоа ќе ја „задуши“ прво американската, а потоа и светската економија. Тоа нема да се случи, оценува Ролф Венкел.
ФЕД за првпат во последните речиси 10 години ја зголеми основната каматна стапка и со тоа стави крај на монетарната политика од времето на финансиската криза. ФЕД соопшти дека краткорочните камати кои банките мора да ги плаќаат за преку ноќ кредитите засега ќе се зголемат за 0,25 проценти, на ниво меѓу 0,25 и 0,5 проценти. Поради финансиската криза ФЕД ја држеше основната каматна стапка на рекордно ниско ниво – близу нулата.
Американската економија бележи солиден раст, невработеноста е намалена на 5 проценти. Кога, ако не сега, Централната банка требаше да се обиде да врати се повторно кон нормалност? Сепак, на пазарот на капитал ќе има многу актери кои ќе зборуваат за крај на светот: Промената во каматната политика, пред се ако се одвива пресилно и пребрзо, ќе ја зголеми вредноста на доларот, а со тоа ќе ги намали шансите на американските извозници на светскиот пазар и ќе ја закочи американската економија, аргументираат тие.
Инфлацијата во САД е на исто ниво како во еврозоната, па промената на каматната политика би можела да испровоцира нова опасност од дефлација. И, на крајот, земјите во забрзан подем би страдале од силниот долар и масовниот одлив на капитал. Накусо: светската економија е повторно во опасност.
Оние што аргументираат на овој начин не мора да значи дека им припаѓаат на песимистите. Тие се можеби само од оние кои се навикнале на евтините пари и веќе не можат да се откажат од оваа дрога. Зашто потегот на ФЕД за зголемување на својот каматен коридор од нула до 0,25 на 0,25 до 0,5 проценти е нешто што финансиските пазари одамна го имаат вметнато во своите калкулации. И, колку и да е оваа промена на каматите историска, таа, на вакво минимално ниво, одвај дека ќе има некакво влијание во односите на ФЕД со деловните банки. Но, затоа ќе ја намали подготвеноста на ризик при ловот на добивка на капитал и при шпекулативното „дуење меури“.
Политика на мали чекори
Освен тоа, ФЕД веќе даде на знаење дека ги зема сериозно предвид аргументите на песимистите. Централната банка постојано нагласува дека промената на каматната политика ќе оди „постапено“ и „зависно од состојбата“. Постепено значи, на пример, дека основната каматна стапка нема да се зголемува одеднаш за многу проценти, туку тоа ќе се случува во мали чекори. А, поимот „зависно од ситуацијата“ е укажување дека ФЕД своите натамошни чекори ќе ги презема зависно од развојот на пазарот на работна сила, на плати и на цени.
Сѐ на сѐ, промена на каматната политика во хомеопатски дози ниту ќе ја закочи американската економија, ниту ќе го задуши конјуктурното опоравување во Европа. Напротив, тенденционално поскапиот долар ќе му даде полет на бизнисот на европските извозници со нивните трговски партнери во САД и Азија, каде се пресметува во долари и ќе донесе конјунктурни импулси во Европа.
Проблем единствено имаат земјите во забрзан подем. Нивните долгови, кои се во долари, ќе станат поголеми. Тоа помалку важи за Кина и Индија, а повеќе за многу задолжениот Бразил. Земјите во забрзан подем беа едни од профитерите од политиката на ниски камати на ФЕД, затоа што на странските инвеститори им нудеа високи камати. Сега инвеститорите повторно ќе го повлечат капиталот и ќе го претворат во американски хартии од вредност, што пак ќе ги доведе во опасност проектите во земјите во забрзан подем.
Накусо: почетокот на напуштање на политиката на ултраевтини пари беше неопходност и тоа одамна. Да се стигне до пари речиси „за џабе“ – на тоа премногу полтичари и учесници на пазарот се навикнаа премногу. Слаткиот отров ја парализира реформската волја и делува како опијат на свеста на инвеститорите за ризик. Време е светот повторно да се врати во нормални услови. Тоа, впрочем би требало да важи и за монетарната политика на шефот на Европската централна банка, Марио Драги.