Американските медиуми објавија дека компанијата Фејсбук од поголемите американски банки побарала информации за финансиските трансакции на корисниците на оваа социјална мрежа.

Американскиот весник Волстрит џурнал објави статија во која се изнесени тврдења како Фејсбук барал информации за финансиски трансакции и состојба на сметка за своите корисници од банките ЈПМорган Чејс, Велс Фарго, Ситигруп и УС Банкорп.

 

 

Од Фејсбук е објавено соопштение во кое се негирани вакви тврдења. Наведено е дека индивидуални корисници споделувале финансиски информации преку апликацијата Месинџер, но дека социјалната мрежа таквите информации не ги користи за целите на било каков маркетинг.

Фејсбук е во криза во однос на довербата кај корисниците, огласувачите, вработените и инвеститорите, откако призна дека податоци од околу 87 милиони луѓе, претежно од Соединетите Американски Држави (САД), дошле во рацете на компанијата Кембриџ Аналитика, која ги користела во политички кампањи.

По избивањето на скандалот, во САД и во Европа, отворени се неколку истраги, додека Закерберг неколку пати се извини поради нарушување на приватноста на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук.