Фејсбук вчера го имаше најлошиот ден во својата историја, поради тоа што вредноста на акциите на компанијата падна за 19 отсто, јавува Си-ен-ен.
Вредноста на акциите на Фејсбук вчера падна за 19 отсто, откако беше соопштено дека ќе забави растот на приходите додека компанијата се фокусира на приватноста на корисниците.
Во пазарна вредност Фејсбук изгуби околу 119 милијарди долари, што претставува најголем забележан пад на вредноста на една компанија во еден ден, јавува Ројтерс.
Форбс објави дека оваа загуба сопственикот Марк Закерберг го чинела дури 17 милијарди долари, поради што веднаш паднал на листата на најбогати луѓе во светот од четвртото на шестото место.
Главниот финансиски директор на Фејсбук Дејвид Венер изјави дека компанијата ја става приватноста на прво место, по скандалот со кражбата на податоците од страна на компанијата Кембриџ аналитика, што предизвика гнев кај корисниците и истраги на Фејсбук низ целиот свет.
Венер истакна дека Фејсбук повеќе ќе се занимава со развојот на придружните елементи на корисничките профили, што ќе го намали растот на приходите бидејќи Фејсбук најмногу заработува на вестите (њуз фид) отколку на сите останати услуги.
Претходниот најлош ден за Фејсбук беше 27 јули 2012, кога вредноста на акциите падна за 11,7 отсто. Компанијата тогаш не успеа да ги увери инвеститорите дека може да продава мобилно огласување, кое сега сочинува 91 отсто од приходите на Фејсбук од огласувањето.