Независниот и непрофитен Институт за економски истражувања и политики, „Фајненс тинк“, препорачува мерките за ограничување на цените на храната да се користат само во случаи на особено висока инфлација. Тие советуваат дека во сите останати случаи треба да се направи замена со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи како што се: доследна и непристрастна примена на Законот за нефер трговски практики, зајакнување на капацитетот и алатките на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ремонт на системот на земјоделски субвенции за поголемо домашно производство, и таргетирана буџетска поддршка на најранливите сегменти од населението.
Според направениот наод на Институтот, се укажува дека мерките за ограничување на цените на храната ја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Како што се вели во соопштението, „инфлацијата се враќа на динамиката од пред мерката, скоро во целост, но не е проценето натфрлување“
– Наодите од анализата покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната извршиле благ агрегатен ефект и силен непосреден ефект. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0.5%, месец за месец. Со мерките, во просек инфлацијата кај храната била негативна најмногу до -1%, односно со мерките, цените на храната се намалувале. Оттука, оценетиот ефект е релативно голем. Меѓутоа, тој ефект се разводнува по првиот месец од примената на мерката (кога таа траела подолго од еден месец). Ова означува дека додека мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува веројатно заради прилагодувања на пазарната динамика (на пример, кај цени на алтернативни производи кои не се предмет на мерката) – појаснуваат од „Фајненс тинк“.
Во соопштението потсетуваат дека во периодот од 2021 до 2024 година, Македонија била соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори.
– Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како тој на масло за јадење), предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021. Но, главниот удар врз цените, дојде по почетокот на Руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари 2022, настан кој предизвика тектонски, геополитички и економски поместувања, што имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и основните суровини. Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во Македонија е повисоко за 35 отсто, додека нивото на цените на храната за 46.8 проценти – се вели во соопштението.
Од Институтот велат дека Владата вовела низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението. Според нив, преземените мерки во периодот 2021 до 2024 година се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи и/или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените.
Донесени биле вкупно девет основни одлуки до декември 2024, од кои три се однесувале на ограничување на маржите, а останатите на ограничување на цените. Дел од нив се однесувале на одредени производи од групата храна, а дел покривале поширока палета производи од храна.