Контурите на новиот Буџет за 2024 година ќе бидат готови до средината на овој месец а она што е клучно е дека не се предвидени нови даноци или пак зголемување на постоечките даноци, соопшти министерот Фатмир Бесими на брифинг со новинарите.

Колку ќе тежи Буџетот засега нема приближна сума, но проекциите се дека и покрај тоа што станува збор за изборна година да има одржлив раст. Од финансии предвидуваат дека растот би бил поголем од годинава и го позиционираат околу 3 отсто, буџетскиот дефицит да падне под 4 отсто а инфлацијата да биде преполовена од оваа година.

ЗА ГОДИНАВА ПАК, МИНИСТЕРОТ БЕСИМИ ПРЕДВИДУВА ДЕКА ЌЕ ЈА ЗАВРШИМЕ СО РАСТ ОД ОКОЛУ 2,5 ОТСТО, ИНФЛАЦИЈА ОКОЛУ 9 ОТСТО НА ГОДИШНО НИВО И ДЕФИЦИТ ОКОЛУ 4,6 ОТСТО.

Паралелно со изработката на Буџетот се работи и на антикризните мерки бидејќи дел од нив ќе бидат во декември а дел во јануари и ќе бидат инкорпорирани во новиот Буџет.

Бесими потврди дека се обезбедени 4,7 милијарди денари кои ќе бидат наменети за најранливите категории и како кредитни линии за помош на стопанството. Од парите за антикризни мерки ќе се одвојат над 900 милиони денари кои ќе бидат доделени на македонски железници за да го подмири долгот кон ЕСМ. Со овие пари претпријатието  кое важи за загубар ќе ги подмири долговите  за струја, но  и ќе ги врати позајмиците кои државните електрани постојано ги даваат во железница  за да поделат плати.

Парите од солидарниот данок, кој е еднократен и ќе го има само оваа година,  исто така ќе влезат како дополнителни средства за антикризните мерки. Досега се собрани 36 милиони евра а Бесими очекува да се соберат вкупно околу 50 милиони. Тој нагласи дека компаниите кои досега не го уплатиле мора да го испочитуваат рокот и да платат до 24 ноември бидејќи ќе се соочат со санкции и не сакаше да коментира што би се случило доколку Уставниот суд пресуди во корист на бизнис секторот кој ја оспори уставноста на данокот.