Иако разликата во бројките за јавниот долг, кој според Фискалниот совет е над 70 отсто од бруто домашниот производ, а според Министерството за финансии до 62 отсто од БДП, е голема, сепак ова не ги скара двете институции. И самата министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска призна дека голем дел до државните и локалните институции имаат долгови, кои не ги пријавуваат, па затоа не се дел од официјалните податоци.
„Имаше заклучок на влада секоја од институциите да достави информација колкави се обврските. Повторно вчера потпишував еден допис каде што имаме неусогласености, значи ги враќаме повторно кај институциите да ги доусогласат, да ги допријават обврските. Во меѓувреме, како министер за финансии формирав неколку вонредни ревизии во одредени институции кои што треба да ми потврдат како внатрешна ревизија дека навистина обврските кои што ги пријавуваат се такви“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.
Но, не се само скриените обврски проблем за големиот јавен долг туку и проблем е и тоа сите влади, трошат далеку повеќе отколку што се собираат со даноци. Истражувањето на Фискалниот совет и Фајнанс Тинк утврди дека од 2008 до 2024, Владите во половина од годините го кршат фискалното правило буџетскиот дефицит, кој значи ново кумулиран јавен долг, да биде до три отсто од БДП. Ова доведе јавниот долг во 2023 година да ја пробие горната граница од 60 отсто од бруто домашниот производ. Ова се должи и на тоа што владите намерно го кршат правилото кога на економијата и оди лошо, да се троши повеќе, а кога и оди добро да се штеди.
„Кога на економијата и одело добро, истата немала штедење, туку напротив имало креирање на повисоки дефицити“, изјави Благица Петрески, Фајнанс тинк.
На конференцијата на која се презентираше истражувањето, Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев истакна дека треба да се размисли да се воведе законско ограничување колку владата може да ги зголемува расходите во буџетот. Бишев истакна и дека ако се сака економски раст од 4,5 насто годишно, ќе мора да се спроведат структурни реформи во образованието, здравството, инфраструктурата, зелената транзиција. Членот на советот, академик Абдулменаф Беџети, кажа и дека државава го има достигнато максимумот на јавни расходи од 40 отсто од БДП и нема простор веќе за зголемување.