Доделени 33 милиони денари финансиска поддршка за 16 проекти на инвеститори во рибарството и аквакултурата. Според ресорното министерство овие дејности поседуваат добри предуслови за натамошен развој и како посебни сектори во иднина ќе добиваат финансиска помош и од европскиот фонд за земјоделство и рурален развој – ИПАРД 3.
Со 33 милиони денари од домашниот буџет се поддржуваат 16 инвестиции во рибарствотото и во рибниците.
Корисници на оваа поддршка се регистрираните репроцентри за производство на репродуктивен и порибителен материјал, концесионерите на риби за стопански риболов, субјекти регистрирани за дејноста аквакултура како и одгледувачи или преработувачи на риба.
Овие инвестиции се наменети за изградба на мандри, пумпни станици со инсталации, поставување на фотонапонски панели на објектите, набавки на товарни возила за достава на риба, цистерни за транспорт, инкубатори и преработувачка опрема.
Интересот на инвеститорите и добриот потенцијал за развој, предвидува во иднина рибарството како неколку посебни сектори да се поддржува и преку европскиот фонд ИПАРД 3, најавуваат од министерството за земјоделство.
Преку проектот за усогласување на законодавството и имплементација на правото на ЕУ подготвен е Закон за рибарство и аквакултура, кој е во Владина процедура за усогласување со регулативата на Европската Унија во оваа стопанска гранка.