Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски за злоупотреба на службена положба и овластување за тендерот за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино.

Според пријавата, тој ја отфрлил најевтината понуда на Гранит АД Скопје и ја избрал поскапата понуда на РУД-КОП и склучил договор во износ од 13,8 милиони евра.

Се гонат и двајца членови на стручната комисија кои донеле одлука за отфрлање на понудата на Гранит, како и претседателот и двајца членови на комисијата за јавна набавка кои ја ограничиле конкуренцијата.

Пријава е поднесена и против тројца вработени во Бирото за јавни набавки кои несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, бидејќи не наложиле РЕК Битола да направи повторна евалуација на понудите, туку дозволиле да се потпише договорот со РУД – КОП.

Со реализација на Договорот за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино, пријавените овозможиле РУД-КОП да оствари противправна имотна корист, со што е оштетен Буџетот за речиси 3 милиони евра.