Овие проекти понатаму ќе бидат финансирани од заеми од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и други меѓународни финансиски институции, соопшти ЕБОР.
Управниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан одобри грантови од 194 милиони евра. Овие пари ги издвои Европската унија и билатералните донатори за нови проекти од областа на дигиталната инфраструктура, животната средина, транспортот и енергијата низ Западен Балкан.
Грантот доделен на Западен Балкан ќе привлече уште 400 милиони евра инвестиција од ЕБОР, вклучително и средства за изградба на широкопојасна интернет мрежа за училишта во руралните области во Србија, за изградба на три нови делници на Коридорот 5ц во Босна и Херцеговина, два нови дела на Коридорот 10 во Северна Македонија, реконструкција на косовската железничка инфраструктура и систем за отпадни води и канализациска мрежа во Гњилане.
Покрај тоа, ЕБРД и Европската унија потпишаа договор за дополнителни 45 милиони евра за две програми што ги спроведува оваа европска банка во земјите од Западен Балкан.
Тоа е програма за Совети за мал бизнис и Регионална програма за енергетска ефикасност, која обезбедува поддршка за подобрување на енергетската ефикасност во станбениот сектор и во јавните згради и се спроведува во соработка со германската банка за развој. Досега, вкупната сума на грантови финансирани од ЕУ и билатералните донатори на Западен Балкан надминува една милијарда евра, додека вкупната инвестиција на меѓународните финансиски институции надминува 5,6 милијарди евра.
– Нашата соработка доведе до опипливи резултати на терен: луѓето имаат корист од подобри транспортни врски, подобри енергетски системи секој ден, вклучително и транзиција кон чиста енергија, бизнисите стануваат поконкурентни, а економиите во регионот се позелени и поинтегрирани – рече Колин Волф, шеф регионална соработка и програми за Западен Балкан, „DG NEAR“, Европската комисија.
Со соработка кон зелена економија
Жужана Харгитаи, регионален директор на ЕБОР за Западен Балкан, ја истакна тесната соработка со партнерите на банката во градењето зелена и одржлива економија на Западен Балкан.
– Нашата работа во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан е клучна за постигнување на оваа цел и е заснована на здружување на ресурси на ефикасен начин, координирање на политиките, соработка меѓу донатори и меѓународни финансиски институции, како и државна сопственост, за што постигнуваме силни резултати – рече таа.
Инвестициската рамка за Западен Балкан е заедничка иницијатива на Европската унија, меѓународните финансиски институции, билатерални донатори и владите на Западен Балкан и е формирана за поддршка на социо-економскиот развој и пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската унија.
Од воспоставувањето на Рамковната инвестициска рамка за Западен Балкан во 2009 година, во регионот се изградени повеќе од 800 километри патишта, вклучувајќи регионални и нови делници на автопати што го поврзуваат Западен Балкан со главните европски транспортни коридори.
Повеќе од 2,3 милиони луѓе се здобиле со пристап до системи за третман на вода и отпадни води, а на близу 100.000 ученици им биле дадени реновирани или нови училишни објекти, се вели во соопштението на ЕБОР.