Финансиската полиција заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи спроведува засилени и сеопфатни контроли за спречување на манипулации при снабдувањето со храна и гориво.
Акцијата доаѓа откако последните неколку дена на бензинските пумпи беше ограничена количината на гориво што граѓаните можеа да ја полнат, а од маркетите беа повлечени одредени прехранбени производи, бидејќи се очекуваа нови повисоки цени.
„Што се однесува до делот за кој е надлежен УЈП, на големите маркети се дадени наредби да се провери нивната работа во последните 6 месеци за влезни и излезни фактури и да се види дали имаме непочитување на одлуката на Владата. Секоја институција работи во својот делокруг, во делот на големите супермаркети и дистрибутивните центри. Со одлука на Владата се констатирани одредени прекршувања на одредбите за што се изречени соодветни казни. Таму каде што е потребно ќе го продолжиме периодот за контрола“, изјави Сања Лукаревска, директорката на УЈП.
Лукаревска наведе дека се исконтролирани 40-тина дистрибутивни центри.