Финската министерка за финансии Рика Пура денеска објави дека Финска се приклучила на протестот на земјите кои сакаат да ги оспорат плановите на Меѓународниот монетарен фонд за обновување на економските консултации со Руската Федерација за прв пат од почетокот на војна на земјата со Украина.

Според неа, Финска заедно со другите северноевропски земји, балтичките земји и Полска подготвиле протестно писмо упатено до генералната директорка на фондот Кристалина Георгиева.

„Какви препораки ММФ сака да и даде на Русија врз основа на резултатите од консултациите? Како подобро да се управува со воената економија?“, наведе таа во изјавата, пренесува финскиот јавен сервис Yle.

Таа апелираше до сите меѓународни организации да не соработуваат со Русија додека таа води војна во Украина.

„Ги повикуваме сите меѓународни финансиски институции, вклучително и ММФ и неговото раководство, да продолжат да се воздржуваат од активности кои ја вклучуваат државата агресор и да не го продолжуваат дијалогот се додека Русија ја продолжува својата агресивна војна против Украина“, се вели во писмото.

Писмото го поддржа и гувернерот на Банката на Финска, Оли Рен. ММФ потврди дека мисијата на фондот е да ја посети Русија за да разговара за „економскиот развој и политиката“ на земјата.

Неколку земји од ЕУ се противат на одлуката на ММФ да ги обнови односите со Москва за економски прашања, пренесува Танјуг.