Почитувани читатели на БанкоМетар.мк
Би сакал да Ви ги објаснам најновите трикови изведени од страна на Народната Банка која денес со голема помпезност најави некакви олеснувања на Вашите кредити и кредитни обврски, олеснувања за банките и штедилниците и останати целофански напумпани нули!
Имено, во стилот на старата бугарска „ Тази дупка-не е дупка“ фора, следствено на триковите со сметкопотврдите ( сад ја видиш – сад ја не видиш – па опет сада ја видиш ), денес нашата Народна Банка изведе своевиден трик со кој си ги изми добро рацете, како од Ковид-19 , така и од обврската да ги заштити своите граѓани, оние кои ја плаќаат во крајна инстанца. Огледувајќи се на соседството каде со декрет се одложуваат кредитните и даночни обврски на граѓаните, НБРМ денес издаде едно соопштение кое повеќе ќе Ве збуни отколку што ќе Ве насочи некаде. Ова соопштение со многу непознати во него, ќе го пренесам на крајот на текстот, но за да не губите време во читање и здобивање повеќе прашања отколку одговори кога ќе завршите со читањето на истото, тоа се сведува на следното:
- НБРМ им препорачува на банките да Ви го преразгледаат кредитот и доколку банките оценат дека сте солвентни и добри можда ( читај никогаш ) ќе ви дозволат да „одморите“ неколку месечни ануитети од Вашите кредити.
- НБРМ исто им советува на Банките наместо да Ве сметаат за нефункционален клиент со доцнење од 90 дена – како досега , тоа да биде со 150 денови доцнење на кредитите. Како мерка делува ОК, во суштина не значи ништо, бидејќи иако е оваа препорака ниту една банка нема да кредитира клиент кој доцни 5 месеци. Тоа е нивно дискреционо право и никој не може да ги присили на поинаква одлука.
- Значи овие мерки – ако може така да се наречат – би се спроведувале поединечно – случај по случај… Значи не важат за сите, туку најверојатно, како секогаш, за подобни…
- Исто така, не е јасно од соопштението како ќе преговарате со банката за измена на условите на Вашиот кредит. Дали ќе одите во експозитура и да се заразите со Ковид-19 успат додека ве одбиваат и Ви се потсмеваат, или пак преку Интернет т.е. Скајп и да на тој начин да фатите сида додека воспоставите ваква комуникација со нашите банки. Останува на Вас и на Вашите преференции…
Заради тоа, јас од лично мое име Ве замолувам да не подлегнувате на овие трикови и во услови на оваа пандемија на оваа високоризична зараза да не се шетате по банки и експозитури.
Не верувајте на лековерни текстови на медиуми кои заведени од желбата за што поголема посетеност на нивните медиуми ќе Ве насочат да се малтретирате и заразите низ шалтерите на банките. Седете дома и плаќајте си ги ратите редовно. Нема бесплатен ручек. Доколку поради кризата не можете да ги сервисирате редовно Вашите обврски во банките : Бидете здрави и живи, тоа е најважно. Ќе помине пандемијата , ќе ги измирите Вашите обврски. Сега засега седете во изолација.
А во продолжение е соопштението од Народната Банка кое единствено пошупливо од него е нивниот ПР:
Донесени регулаторни измени: Се овозможува поголема флексибилност за банките и штедилниците заради олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити
Советот на Народната банка одржа вонредна електронска седница на која донесе регулаторни измени насочени кон привремено олеснување на финансискиот товар на граѓаните и компаниите корисници на кредити коишто веќе се соочуваат или во наредниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски кон банките и штедилниците, предизвикани од состојбата со коронавирусот.
Со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор на банките и штедилниците да им понудат поповолни договорни услови за постојните кредити на оние кредитокорисници – физички и правни лица, коишто пред 29 февруари 2020 година немале проблем со отплатата, односно нивните кредити не биле класифицирани како нефункционални, а во претстојниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски.
Поконкретно, измените значат поголема флексибилност на банките и штедилниците при промена на договорните услови за отплата на кредитите во поповолна насока за клиентите, во зависност од процената на потребата и финансиската способност на секој поединечен кредиторокорисник. Поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување на нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и сл., со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата.
Промените на договорните услови извршени до 30 септември 2020 година, во согласност со донесените регулаторни измени нема да се сметаат за реструктурирање на кредитната изложеност. Со тоа, на граѓаните и компаниите коишто до почетокот на март немале проблем со отплатата на кредитите им се овозможува и непречен натамошен пристап до кредитна поддршка.
Истовремено, со регулаторните измени се олеснува и условот за класификација на одреден кредит како нефункционален. Наместо тековниот пристап согласно со кој банките и штедилниците имаат обврска како нефункционални да ги евидентираат кредитите кои се со задоцнување подолго од 90 дена, сега критериумот за премин во нефункционално побарување се поместува на 150 дена. Притоа, овој третман банките и штедилниците исто така ќе можат да го применат само за оние кредитокорисници кои до крајот на февруари 2020 година не се соочувале со проблеми во отплатата. Ова регулаторно олеснување е исто така од привремен карактер и најдоцна до 31 декември 2020 година, банките и штедилниците ќе имаат обврска целосно да се прилагодат на постојните критериуми за утврдување нефункционални кредити.
Во моментов се утврдува и процедура за комуникацијата на клиентите со банките и штедилниците во врска со промената на договорните услови за кредитите, за да се овозможи таа да се одвива на начин со којшто навремено ќе се одговори на сите барања на граѓаните и компаниите коишто имаат потреба од тоа, и притоа да биде заштитено јавното здравје. Веднаш штом процедурата биде утврдена, јавноста ќе биде информирана, за граѓаните и компаниите коишто имаат потреба од промена на договорните услуги, да можат соодветно да постапат.
Народната банка постојано го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија и е подготвена постојано соодветно да ги приспособува политиките и соодветно навремено да реагира во согласност со своите надлежности.
Наум Димитровски