Од Министерството за финансии велат дека наследиле предмети за поврат на ДДВ уште од 2021 година. Оттаму посочуваат дека контролата е зајакната за да не се случува фантом-форми да испумпуваат пари од буџет
Во октомври минатата година компаниите на големо алармираа дека со месеци чекаат поврат на ДДВ. Стануваше збор за милионски износи кои според закон им следат на компаниите и кои им се неопходни за редовно работење. Од Управата за јавни приходи велат дека случаите секојдневно ги расчистуваат и дека сега има многу поригорозна контрола од порано, за да повторно не се случат шеми во кои со фиктивни фактури е баран поврат на ДДВ и е оштетен буџетот. Стопанствениците со кои разговараше „Слободен печат“ тврдат дека имаат уште проблеми со повратот и негодуваат зошто сите се ставаат во ист кош.
Според податоците што ги презентираше Управата за јавни приходи на брифингот со новинарите, во 2024 година по основ на поврат на ДДВ се доспеани 35,6 милијарди денари (речиси 579 милиони евра), а реализирано е плаќање од 34,4 милијарди денари (околу 559 милиони евра).
Директорката на УЈП, Елена Петрова вели дека повратот на ДДВ е жива материја и дека секој ден едни износи доспеваат, други се враќаат, но дека тие прават максимални напори за да парите стигнат во стопанството.
– Кога ја презедов функцијата затекнавме 2.500 неодговорни барања од 2023 и од 2024 година – посочи Петрова.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска појасни дека меѓу таа огромна бројка од разни барања, имало и барања за поврат на ДДВ. Таа тврди дека имало нерешени случаи за поврат на ДДВ дури и од 2021 година!
Согласно законската регулатива државата треба да направи поврат на ДДВ во рок од 30 дена. Но министерката Димитриеска-Кочоска вели дека тоа може да се направи само ако има целосна документација и ако не постои некое сомневање.
– Фирмите кај коишто сме констатирале дека нема никакви проблеми, дека доставиле целосна документација како што треба, добиваат поврат на ДДВ во рок од 30 дена. Да, во почетокот имаше поголеми проблеми и имаше подолго чекање, но сега има многу фирми кои си го добиваат повратот во законскиот рок – рече министерката.
Заострување на процедурите околу исплатата на повратот на ДДВ се случи откако УЈП откри низа шеми во кои се појавувале фантом фирми кои испумпувале пари од државната каса. Но, стопанствениците реагираа зошто целиот процес на исплата да се забавува за сите фирми.
– Компаниите кои реално увезуваат се ставени во ист кош со оние кои правеле малверзации. Ние предлагаме да се воведе електронски регистар на извозни компании, така со еден клик ќе се направи поврзување меѓу УЈП, Министерството за финансии, Царина и компанијата. На тој начин автоматски се решава и прашањето за поврат на ДДВ – изјави за „Слободен печат“, Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.
Сопственик на светиниколската „Мода“ Ангел Димитров, кој е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи, вели дека сè уште има фирми кои се жалат дека и по три месеци не им е исплатен повратот на ДДВ.
– Фирмите во текстилната индустрија кои работат лон немаат увозни давачки и царини затоа што работат со туѓ материјал и затоа на нас не ни следува поврат на ДДВ. Но оние малку, околу 8 проценти од компаниите од текстилната индустрија кои купуваат текстил за да произведат свој производ, тие се жалат дека немаат добиено поврат на ДДВ. Така, тие компании што всушност придонесуваат за зголемување на додадената вредност, место да се наградуваат, се казнуваат. Повратот на ДДВ во континуитет не плаќан во рок до 30 дена и за стопанствениците стана нормално и добро ако биде исплатен во рок од три месеци-изјави Димитров за „Слободен печат“.