Неконтролираниот раст на цената на струјата и стравот дека зимава може да ја нема доволно, ги принудуваат компаниите да ги сменат своите планови за инвестирање. Некои од нив парите што ги имаат на располагање ги користат за набавка на агрегати за струја.

Трговците со агрегати што ги праша весникот ВЕЧЕР, велат дека продажбата е енормно зголемена, дека не можат да постигнат со нарачките, па купувачите чекаат ред, се прават списоци, а кога ќе дојдат, агрегатите не се складираат, туку се подигаат директно од камион.

-Продажбата ни е зголемена за 300 проценти во однос на порано. Или, сега за три дена го продаваме количеството што претходно сме го продавале цела година. Не можеме да постигнеме, вели за весникот ВЕЧЕР еден скопски трговец со големи агрегати, наменети за компании.

Тој информира дека често агрегати нема на лагер, па се чекаат. Најмногу ги купуваат големите фирми, кои се и големи потрошувачи на струја.

-Во зависност од јачината, цената на агрегатите наменети за фирми, какви што продаваме ние, се движи од 10.000 денари па нагоре. Поголемите агрегати достигнуваат и цена од 500.000 денари, но има побарувачка и за нив. Купувачите не прашуваат за цена, веднаш се продаваат и најскапите, вели нашиот соговорник.

Тој додава дека агрегатите што ги продаваат работат на дизел гориво. Иако цената на дизелот во последно време е во пораст, според математиките на компаниите агрегатите на таков погон се исплатливи. Или, струјата од агрегат на дизел гориво е за 150 проценти поевтина отколку набавената на слободниот пазар, каде што цените секојдневно уриваат рекорди надминувајќи 700 евра за мегават-час, што е десет пати поскапо отколку пред кризата.

Во фирмата каде што се обративме за информации ни рекоа дека тие не продаваат мали агрегати наменети за домаќинствата, но постојано им се јавуваат и граѓани заинтересирани за купување.

-И кај граѓаните има голем интерес за набавка на агрегати. Нон-стоп ни се јавуваат и бараат да купат, но ние ги немаме, па ги упатуваме кај трговците кои ги имаат. Се продаваат главно во продавници со техничка сотка, вели нашиот соговорник.

Продавачите на мали агрегати наменети за домаќинствата потврдуваат дека побарувачката последниве две години расте.

-Се бараат, но не многу, зашто лани, кога граѓаните се исплашија дека може да има рестрикции на струја ги купуваа повеќе. Најмногу ни се трошат агрегатите од два киловата, кои чинат 20.000 денари. Но, има и поголеми, а цената им расте со киловатите, па имаме од пет по цена од 45 до 48 илјади во зависност од марката, и од осум киловати, кои се најскапи и чинат 77.000 денари, велат за весникот ВЕЧЕР во Меркур Македонија.

Оттаму појаснуваат дека со малите агрегати може да се задоволат само малите потрошувачи на струја во домаќинството, како на пример светилките, телевизорот, фрижидерот…

Освен со нови, од продавница, фирмите и граѓаните се снабдуваат со агрегати за струја и од втора рака. Огласниците се полни со понуди на малку или многу користени, но исправни, како и сосема нови, неотпакувани. Според актуелната понуда, цената им се движи од 3.500 денари па нагоре.

Продажбата на агрегати за струја последниве години е во пораст во целиот свет. Српските медиуми, на пример информираат дека побарувачката за овие до неодамна непотребни „машини“ кај нив е зголемена за 200 проценти. Но, според советите што ги дава електромеханичарот Бранко Зрниќ, на домаќинствата воопшто не им се потребни.

-Не ни треба ништо освен она најосновното, да осветлиме ноќе, да можеме да користиме телевизор и евентуално компјутер. За сето тоа не е потребен агрегат, туку еден претворувач на напон од 12 на 220 волти. Тоа е една кутија, која е бесшумна и затоа може да се користи и во стан, додека агрегат може да се користи само во куќа, а не и во стан, појаснува тој.

Зрниќ вели дека агрегатот не е неопходен зашто обично временскиот интервал во кој нема струја не е поголем од неколку часа и во тој период е потребно да се задоволат само основните потреби.

-Би им препорачал на луѓето исто така да користат штедливи светилки, за кои ќе биде доволен претворувачот, вели Зрниќ и ги потсетува семејствата дека треба да штедат струја, а кога ќе ја снема, да ги исклучат уредите за да не се расипат кога ќе дојде. (С.В.)