Фирмите, особено големите од првите 100 најуспешни во Македонија, очигледно вршат експлоатација на своите вработиени и Синдикатот изнесе податоци кои јасно го докажуваат тоа. Своите добивки ги зголемиле скоро седум пати повеќе од процентот на покачени плати на своите вработени кои добивките им ги донеле.

Сојузот на Синдикатите на Македонија во својот пост на Фејсбук страната нагласува дека „100-те најголеми компании оствариле вкупна добивка од 735,5 милиони евра во 2021 година, додека во 2020 година, добивката на овие компании била 517,4 милиони евра, што значи дека за една година добивката се зголемила за 42 проценти“

– Тоа значи дека работниците само во овие 100 најголеми компании биле попродуктивни и на своите работодавачи им сработиле фантастична добивка за дополнителни 218,1 милиони евра за само една година – потенцираат од ССМ.

Синдикалците потсетуваат дека Владата и работодавачите бараат поголема продуктивност, а поради политиките на Владата кон работниците и алчноста на работодавачите, на зголемена добивка од 42 отсто од 2020 до 2021 година, им ги зголемиле платите за мизерни 5,8 отсто колку што се зголемила просечната плата од декември 2020 до декември 2021 година според Државниот завод за статистика.

– За потсетување ова е периодот за кој Државниот завод за ревизија во извешатјот за преземените владини мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од ковид-пандемијата констатира намалени приходи во Буџетот на РСМ во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра, а голем дел од тие средства не ни стигнаа до сметките на работниците, а за што ССМ предупредуваше дека ќе се случи – укажуваат од Синикатот.