Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Академијата на науките и уметноститет на Република Северна Македонија – МАНУ потпишаа Меморандум за соработка што ќе опфати покренување на заеднички проекти и студии од областите на претприемништвото, иновациите, истражувањето и технолошкиот развој.
Како што соопшти ФИТР, целта на овој договор е и стимулирање на конкурентноста преку истражување на можни инструменти за креирање иновативни политики, како и политики поврзани со образование и поддршка на мобилноста меѓу Академијата и индустријата, вклучувајќи и меѓународна мобилност на ученици, студенти и претставници на академската заедница.
– МАНУ активно ќе се вклучи во изработка на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“ на ФИТР, но и ќе се продлабочи соработка во конципирање на финансиски инструменти за поттикнување на истражувачките активности на академската заедница, истакнал претседателот на Академијата Таки Фити.
Според директорот на ФИТР Јован Деспотовски, потпишувањето на Договорот за соработка со една од најзначајните национални институции има огромно значење.
– Разговаравме за повеќе конкретни проекти и очекуваме целосна поддршка од МАНУ во иницијативите кои ни претстојат и за кои заеднички ќе аплицираме пред меѓународните фондови. Со задоволство ќе ја прифатиме понудената можност акумулираното знаење од Академијата да го искористиме во делот на економијата и одржливиот развој, изјавил Деспотовски.
– Двете институции преку билатералната соработка ќе имаат заеднички проекти за финансирање на меѓусебните истражувачки активности и пред домашните државни институции, приватниот сектор, вклучувајќи притоа и заемна помош при подготовка на проектната документација, се вели во соопштението од ФИТР.
Во мај годинава ФИТР во соработка со МАНУ, Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје организиираа „Денови на ЦЕРН во Северна Македонија“ во чии рамки се одржаа серија настани и изложби.