Порастот на ЕУРИБОР-от од почетокот на 2023 година има директно влијание врз промена на висината на каматните стапки кај кредитите со променливи каматни стапки, каде што за референтна стапка е договорен ЕУРИБОР, чија висина најчесто се утврдува полугодишно (на почеток на годината и на почеток на второто полугодие од годината), објаснуваат банкарите

Сите договори за станбени кредити се поврзани со фиксна каматна стапка во првите години на отплата, а потоа се применува променлива каматна стапка што се пресметува така што на моменталниот ЕУРИБОР се додава одреден процент. Она што сега ги мачи сите оние што отплатуваат рати на станбени кредити е што има значаен раст на ЕУРИБОР, па отплатата на ратите им станува поскапа од она што биле нивните очекувања кога го склучувале кредитот. Во таа група се и граѓаните опфатени со проектот „Купи куќа, купи стан“, Но, како што потенцираат банкарите, растот на ЕУРИБОР нема влијание врз висината на каматните стапки на постојните станбени кредити што се во период на отплата со фиксна каматна стапка.

Со растот на инфлацијата централните банки насекаде во светот ја затегнуваа монетарната политика, а тоа доведе до зголемување на ЕУРИБОР, односно на стапката што го дефинира променливиот дел од каматата. Така, оние што сега отплатуваат кредити по променливата камата, тоа поскапо ги чини.

– Растот на каматната стапка влијае само врз станбените кредити со променлива каматна стапка ЕУРИБОР, односно врз девизните и денарските кредити со девизна клаузула врзани за каматната стапка ЕУРИБОР, или кај кои една компонента на каматната стапка е каматната стапка ЕУРИБОР што е таксативно наведено во договорите на граѓаните – објаснуваат од Македонската банкарска асоцијација (МБА) за „Слободен печат“.

Пондерираните каматни стапки за станбените денарски кредити со валутна клаузула за една година се зголемиле за 0,14 процентни поени, а на станбени кредити во евра за 0,07 процентни поени.

– Според објавените податоци на Народната банка, пондерираните каматни стапки на одобрените станбени кредити изнесувале: 3,92 проценти на денарски кредити со валутна клаузула во јуни 2022 година, а во јуни 2023 година 4,06 проценти, додека за станбените кредити во евра, тие биле 3,99 проценти во јуни 2022 година, а во јуни 2023 година 4,21 проценти – велат од Македонската банкарска асоцијација.

За пресметка на пондерираните каматни стапки се земаат вкупните дадени кредити од сметководствената состојба на кредитите на крајот на извештајниот период и соодветно се применува договорената каматна стапка за секој кредит. Пред пандемијата, имавме дури и негативни стапки на ЕУРИБОР што се земаа предвид при креирањето на флексибилните камати.

– На 8 август годинава, едномесечниот ЕУРИБОР изнесува 3,615 проценти, шестмесечниот е 3,921 проценти. На 8 август 2022 година едномесечниот ЕУРИБОР изнесуваше минус 0,032 проценти, а шестмесечниот 0,729 проценти, додека на крајот на 2018 година едномесечен е минус 0,363 проценти и шестмесечен е минус 0,236 проценти – одговорија на нашето прашање од МБА.

Од Комерцијална банка, која е и најголема банка по актива, за „Слободен печат“ велат дека висината на ЕУРИБОР најчесто се утврдува полугодишно.

– Растот на ЕУРИБОР нема влијание врз висината на каматните стапки на постојните станбени кредити што се во период на отплата со фиксна каматна стапка. Притоа, и покрај растот на референтните стапки во изминатиот период, каматните стапки на станбените кредити, а особено фиксните стапки што се нудат во првите години од отплата на кредитот, се сѐ уште на ниско ниво, односно евидентен е само умерен раст на овие стапки за новоодобрени кредити во изминатата година, споредено со трендот на раст на референтните стапки. Порастот на ЕУРИБОР од почетокот на 2023 година има директно влијание врз промена на висината на каматните стапки кај кредитите со променливи каматни стапки, каде што за референтна стапка е договорен ЕУРИБОР, чија висина најчесто се утврдува полугодишно (на почеток на годината и на почеток на второто полугодие од годината) – изјавија од Комерцијална банка за „Слободен печат“.

Оттаму посоветуваа дека клиентите што уредно ги отплаќаат своите обврски кон финансиските институции и кои ги исполнуваат критериумите од аспект на кредитна способност и обезбедување секогаш имаат можност за рефинансирање на својот станбен кредит под актуелните услови, односно моментално важечките каматни стапки што опфаќаат и период со фиксна каматна стапка.

– Неопходно е да се напомене и дека во последниот месец или месец и половина, забележливо е забавување на растот на ЕУРИБОР иако е рано да се прогнозира подолгорочната тенденција. Што се однесува до побарувачката во сегментот на станбено кредитирање на населението, таа е во рамките на очекувањата за овој период од годината – потенцираат од Комерцијална банка.

Што е ЕУРИБОР?

ЕУРИБОР е кратенка за Евро интербанкарска понудена стапка (Euro Inter-bank Offer Rate). Стапките на ЕУРИБОР се засноваат на каматните стапки со кои група европски банки позајмуваат средства една на друга. Во пресметката се елиминираат највисоките и најниските 15 проценти од сите собрани понуди. Другите стапки ќе бидат просечни и заокружени на три децимални места. ЕУРИБОР се одредува и се објавува околу 11 часот секој ден, по средноевропско време, пишува на официјалната страница каде што се објавуваат и овие стапки – euribor-rates.eu.

Прогнози за раст на камата на ЕЦБ?

И покрај неодамнешните сигнали дека инфлациските притисоци може да се намалуваат, економистите продолжуваат да прогнозираат уште едно зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) следниот месец.
Во септември депозитната стапка ќе се зголеми на 4 проценти од сегашните 3,75 проценти, покажува анкетата на „Блумберг“. Во исто време, испитаниците очекуваат раководството на регулаторот да започне со намалување на трошоците за задолжување во март – еден месец порано од нивните претходни прогнози.