Две третини од оние компании каде се завршени финансираните проекти, веќе враќаат средства. Веќе имаме наменска сметка на која доаѓаат парите, рече Деспотовски
Компаниите што спровеле проекти финансирани од Фондот за иновации и технолошки развој веќе остваруваат приходи и вратиле дел од инвестираното во Фондот.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска изјави дека од 35 компании што во периодот од 2015 до 2018 година ги завршиле проектите, две третини од нив веќе остваруваат приходи и почнале да ги враќаат парите.
– Две третини од оние што се завршени, веќе враќаат средства. Веќе имаме наменска сметка на која доаѓаат парите, рече Деспотовски, додавајќи дека тоа е мал процент, но, оти е добро што има ефект од вложените средства.
Тој додаде дека анализата што ја има направено Фондот укажува дека компаниите што биле кофинансирани го зголемиле приходот за 50 проценти и забележале раст на добивката од 60 проценти.