Фондот за пензиско осигурување се уште не може да си ги поврати околу 112 илјади евра кои пред неколку години биле исплатени на починати корисници, а се уште нема ни начин ниту активности како тоа да ги наплати тие средства. Ова е еден од наодите на Државниот завод за ревизија во извештајот за 2017 година за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за кој како одговорно лице се смета в.д. директорот на Фондот Шаип Зењели.

„Одговорните лица на Фондот да преземат дополнителни активности за зајакнување на контролните мерки за навремено откривање и постапување по утврдени неправилности по основ на повеќе исплатени пензии и преземање на сиоте правни дејства за нивна наплата, а во случај на неможност за наплата, да се предложи отпис на истите“, се вели во извештајот на ДЗР.

И покрај воспоставената електронска комуникација со Управата за водење на матични книги, за обезбедување податоци за починати корисници на пензија, и натаму има ризик од необезбедени целосни, точни, навремени информации од надлежните институции, за ажурирање на базата на Фондот. Нема усогласеност на податоците кои повратно се добиваат од МВР за точниот број и датум на починати корисници. Тоа создава ризик да се изврши исплата на пензија на починати корисници, во и надвор од земјава. На Фондот му се препорачува да го користи електронското пензиско досие, преку воспоставениот електронски систем.

Минатата година биле исплатени околу 14 илјади евра во форма на награди за работна успешност и нешто повеќе од 14 илјади евра како јубилејни награди за вработените, или вкупно 28 илјади евра, што не е во согласност со законите за извршување на буџетите, за административни службеници и за вработените во јавниот сектор, што значи дека имало ненаменско користење на паричните средства на Фондот, велат ревизорите.

Фондот не ги евидентирал добро ни градежните објекти и опремата што ги презел од компании кои отишле во стечај и каде што тој е доверител заради неплатени придонеси, што е спротивно на Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.

Потрошени се 30 илјади евра во кафеани, без да се знае кој и за што ги потрошил парите.

„Исплатени се средства за репрезентација по фактури на кои не е наведена намената на фактурите за кои се направени угостителските услуги, бројот на корисници на репрезентација, оправданоста на настанатите трошоци, како и дали се однесуваат за вршење на дејноста на Фондот, а се одобруваат од неговото раководно лице“, се вели во извештајот на ревизорите.

Приходите од придонесите во Фондот низ годините се зголемуваат, велат ревизорите. Фондот лани остварил приходи од над една милијарда евра, но дури 45 отсто или 487 милиони евра се трансфери од буџетската каса, во спротивно нема да може да се исплкатата пензиите.

„Фондот, и покрај зголемување на приходите по основ на придонеси, има недостаток на средства за исплата на пензии и негово непречено функционирање, поради што предвидува покривањето на дефицитот да го изврши со средства преку трансфери од централниот буџет“.

ДЗР покажува и графикон како секоја година расте зависноста на пензискиот фонд од буџетските пари.

Бројните ослободувања од плаќање придонеси не влијаат добро врз приходите на Фондот, ниту претходните зголемувања на пензиите што беас од политички цели. ДЗР препорачува да се стабилизира Финансиската состојба на фондот.

Поради отсуство на потребните податоци на соодветната уплатна сметка на ПИО, на крајот на 2017 имало нераспоредени средства од околу 10 милиони евра, кои Фондот не може да ги користи за исплата на пензии, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО. Фондот не може да си наплати стари побарувања од пред многу години, од фирми што отишле во стечај или ликвидација, или не плаќале придонеси за пензиско.

Во одредени филијали недостигале вработени, поради што има ризик од доцнење во обработката на предметите и навремено решавање за остварување на правото на пензија.

Иако со в.д директор може да работи само шест месеци, Зењели е вршител на должноста од 2015, па на Фондот му се препорачува веднаш да распише конкурс за избор на в.д. директор. Самата внатрешна ревизија на Фондот нема доволно кадар и мора да се доекипира.

 

 

Извор : Телма