Американскиот магазин „Форбс“ ја објави листата на држави на кои им се заканува рецесија во 2020 година, во услови на забавување на растот на глобалната економија што предизвика централните банки ширум светот да ги намалат каматните стапки близу нулата или дури и пониско во настојувањата да го поттикнат растот.

Прва на листата е Хонгконг, која после петмесечните протести на граѓаните влезе во „техничка рецесија“, додека индустриските гранки како туризмот и малопродажбата се посебно погодени од тековните немири.

Зад Хонгконг е Велика Британија, чија економија, соочена со неизвесната состојба околу излегувањето на таа земја од Европската унија, неодамна забележа прв пад на стопанската активност од 2012 година, а во случај на Брегзит без договор би можела да заврши во рецесија, се наведува во извештајот на „Форбс“.

Меѓу државите на кои им се заканува рецесија е и Германија, најголемото европско стопанство, која се бори со континуирано слабеење на производниот сектор и со помала продажба на автомобили, на која германската економија значително се потпира.

На листата е и Италија, четврта по големина економија во Европа, која во втората половина на 2018 година беше во техничка рецесија и се соочува со стални економски неприлики заради слабата продуктивност, високата невработеност, огромниот долг и политичките превирања.

Свое место на листата најде и Кина, чија економија го продолжи забавувањето по трговската војна со САД, иако сеуште е во рецесија.

Меѓународниот монетарен фонд предвидува раст на кинеското стопанство од само 5,8 отсто за 2020 година, после растот од 6,6 отсто во 2018-та и предвидените 6,1 отсто во оваа година.

Останатите економии на кои сериозно им се заканува рецесија следната година, меѓу останатите, се Турција, Аргентина, Иран, Мексико и Бразил.

ММФ годинава предупреди дека светската економија ќе забележи раст од само 3,0 отсто во 2019 година, што е најслаб раст од глобалната финансиска криза од 2008 година.