Компанијата Ford Motors објави дека до крајот на 2027 година ќе го намали бројот на вработени во ЕУ и Велика Британија за 4.000 работници, наведувајќи ја како причина состојбата на економијата и притисокот од зголемената конкуренција, како и послабата продажба на електричните автомобили.

Од Ford изјавија дека најголем дел од отпуштањата ќе ја погодат Германија и дека тие ќе бидат спроведени во консултација со претставниците на вработените. Компанијата најави дека ќе го намали и работното време на работниците во фабриката во Келн, каде што ги произведува електричните возила Capri и Explorer.

Глобалната автомобилска индустрија сè уште е во период на значително пореметување додека преминува кон електрифицирана мобилност, додаваат оттаму.

„Трансформацијата е особено видлива во Европа, каде што производителите на автомобили се соочуваат со значителни конкурентни и економски пречки, а во исто време се борат против неусогласеноста меѓу регулативите за CO2 и побарувачката на потрошувачите за електрични возила“, се вели во соопштението.

Европските производители на автомобили мора да продадат доволно електрични возила за да ги исполнат новите, пониски граници за просечна емисија на јаглерод диоксид за 2025 година.

Продажбата на електрични возила е забавена бидејќи потрошувачите се воздржани од трошење поради инфлацијата и откако Германија се откажа од владините стимулации за купување електрични возила.