Француската држава, странка во судскиот процес против големата швајцарска банка УБС во Париз, побара „отштета од 1,6 милијарди евра“ за да го санкционира големиот „систем за измама и перење пари“.
Адвокатот кој ја застапува државата Ксавиер Норман Бодар го критикуваше „системот достоен на Тартуф во кој банките се трудат да не гледаат, не слушаат и не знаат во име на банкарската тајна“.
Тој побара од кривичниот суд во Париз да „го казни системот на измама и перење пари кој функционира долги години благодарение на благонаклоноста на банките кои често ги затвораат очите пред состојбата во која биле нивните клиенти во матичните земји, под услов да им го доверат имотот на тајни сметки или фондови, фондации и слично, со седишта на Бахамите или во Џерси“.
Овие обвинувања решително ги негира УБС на која ѝ се суди затоа што меѓу 2004 и 2012 нелегално испраќале свои претставници во Франција за преку француската подружница да бараат богати клиенти на гала вечери, на лов или на спортски настани и да ги наговорат во Швајцарија да отворат непријавени банкарски сметки.
На матичната банка ѝ се заканува парична казна која може да достигне половина од парите на тајните сметки кои се проценуваат на над 10 милијарди евра.
Швајцарските банкари упорно повторуваат дека „не знаеле“ за непријавените сметки на француските клиенти бранејќи се дека законот не ги обврзува да се уверат во регуларноста на фискалната ситуација на своите клиенти во земјата во која живеат.
„Ваквиот систем постои со години. Ќе се смени благодарение на меѓународните договори за размена на информации. Но, таа промена не е синоним за амнестија. Сметките мора да се платат“, заклучи Норман Бодар.