На САД не треба да им се дозволи да доминираат на глобалниот енергетски пазар додека ЕУ ги трпи последиците од конфликтот во Украина.

Ова го изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

„Конфликтот во Украина не смее да заврши со американската економска доминација и слабеењето на ЕУ“, изјави тој во понеделникот во францускиот парламент, пренесува Раша тудеј.

Ле Мер оцени дека е неприфатливо Вашингтон „да го продава својот течен природен гас по цена четири пати повисока од онаа што е одредена за американските индустријалци“, додавајќи дека „економското слабеење на Европа не е во ничиј интерес“.

„Мораме да постигнеме побалансирани економски односи во однос на енергијата меѓу американските партнери и европскиот континент“, рече тој.

Пред конфликтот во Украина, Русија беше најголемиот снабдувач на гас во ЕУ, со удел од околу 45 отсто од вкупниот увоз на гас во блокот. Сепак, поради санкциите воведени кон Москва по нападот на Украина, испораките на руски гас во ЕУ значително се намалија.

Соочени со енергетска криза, земјите од 27-члениот блок побрзаа да ги наполнат своите складишта за гас – нивото на резерви во нивните подземни складишта беше близу 91 отсто во понеделникот, според податоците на Гас Инфраструктура Европа.

Залихите се претежно полни со течен природен гас (ТНГ) и моментално се на највисоко сезонско ниво од 2016 година, покажуваат податоците собрани од Блумберг.