Долниот дом на францускиот парламент го одобри новиот данок што ќе влијае на интернет гигантите, како што се Гугл, Амазон и Фејсбук. Владата на Франција, исто така, се надева дека другите земји ќе го следат примерот, соопшти АП.

Предлог-законот има за цел да ги спречи мултинационалните компании да избегнуваат данок со поместување на нивните седишта во земји со ниски даноци. Во моментов, компаниите речиси не плаќаат даноци во земји каде што имаат голема продажба како Франција.

Предлог-законот предвидува 3% данок на приходи во Франција за дигитални компании со светски приход од над 750 милиони евра (847 милиони американски долари) и 25 милиони евра во европската земја.

Мерката оди во Сенатот, каде што ќе се гласа следната недела. Се’ очекува да биде одобрен.

Технолошкиот сектор предупреди дека ова може да доведе до повисоки трошоци за потрошувачите.

Исто така, може да бидат засегнати и американските компании како Airbnb и Uber, како и Кина и Европа. Главно, данокот е насочен кон оние кои користат податоци од корисниците да продаваат онлајн реклами.

Француското Министерство за финансии процени дека данокот ќе генерира приходи од 500 милиони евра годишно во 2019 година, но тоа ќе се зголеми “брзо”.

Париз не успеа да ги убеди партнерите од ЕУ да го прифатат пан-европскиот данок, но се бори за меѓународен договор со 34-те земји од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).