Валутата Libra на Фејсбук не може да се пушти во оптек во Европа сè додека постои загриженост за автономијата на компанијата, системските финансиски ризици и злоупотребата на нејзината доминантна позиција на пазарот, изјави францускиот министер за финансии Бруно ле Мер.
Фејсбук ги објави плановите за лансирање нова валута во јуни бидејќи го проширува бизнисот со електронска трговија, но најавената валута Libra е погодена од критики од регулаторите од целиот свет кои стравуваат дека глобалниот финансиски систем може да биде дестабилизиран.
Ле Мер не објави детали за тоа како Франција може да спречи влегување на Libra во ЕУ.
Тој исто така истакна дека е во контакт со претседателот на Европската централна банка кога станува збор за воспоставување дигиталната валута под покровителство на меѓународните финансиски институции.
– Оваа евентуална приватизација на парите носи ризик од злоупотреба на доминантна позиција, истакна Ле Мер кога разговараше за проектот Libra на состанокот на Организацијата за економска соработка и развој во Париз.
Групата Г7 предупреди во јули дека нема да дозволи проектот Libra да продолжи се додека не се решат загриженостите на регулаторот и дека прво треба да се разговара за многу прашања.
Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк