Со последното гласање францускиот Парламент дефинитивно го одобри „надоместокот за инфлација“ од 100 евра обезбедени од владата за 38 милиони Французи, и покрај силните резерви и од десницата и од левицата, јави дописникот на МИА.
Надоместокот ќе треба да им се исплати на вработените, самовработените, пензионерите, невработените, примателите на минимални социјални бенефиции и стипендираните студенти кои примаат помалку од 2.000 евра нето месечно. Овој бонус, ослободен од данок, на крајот на декември ќе се исплати еднократно и автоматски на вработените од страна на работодавачите и ќе им биде вратен од државата, а на почетокот на 2022 година за останатите категории, без да се прават побарувања.
Мерката е содржана во вториот амандмански предлог-закон за финансии за 2021 година, наречен „крај на управувањето“, усвоен со 39 гласа „за“ и 12 „против“.
Заменик-министерот Ањес Паниер-Рунашер ја пофали оваа мерка како „едноставна, брза и ефикасна“ во услови на раст на цените, особено енергијата.
Левицата посочи на оваа мерка како„ефемерна и лошо насочена“, или како „капка вода во буре нафта“.