Биткоинот е „комбинација од меур, пирамидална измама и еколошка катастрофа“, рече Агустин Карстенс, шефот на БИС.
Приклучувајќи се во хорот на регулаторите што повикуваат на остри мерки за криптовалутите, француските и германските министри за финансии рекоа дека дигиталните токени „би можеле да претставуваат значителен ризик за инвеститорите“ и потенцијално за долгорочната финансиска стабилност.
Во писмото до министрите за финансии на Г-20, потпишано од францускиот министер за финансии, Бруно ле Мер, и неговиот привремен германски колега, Петер Алтмаер, заедно со шефовите на централните банки на двете земји – рекоа дека криптовалутите во моментот имаат „ограничени“ последици врз глобалната финансиска стабилност.
„Со оглед на брзиот пораст на капитализацијата на токените и појавата на нови финансиски инструменти“ врз основа на нив, „овие случувања треба внимателно да се следат“, рекоа министрите.
„Медиумите и интернетот во моментов погрешно ги сметаат криптовалутите за валути“, рекоа тие, додавајќи дека „недостигот од јасност“ во врска со карактерот на токените „може само да ги поттикне шпекулациите“.
Тие, исто така, повикаа на поголема заштита на малопродажните инвеститори што работат со криптовалутите, велејќи дека „зголемувањето на индивидуалната изложеност кон таквите несигурни токени може да има штетни последици за неинформираните инвеститори, кои не ги разбираат ризиците на кои се изложуваат“.
Оваа недела излезе предупредување од регулаторите и надзорниците од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), Европската централна банка (ЕЦБ) и Комисијата за хартии од вредност и фјучерси во Хонг Конг.
Членот на одборот на ЕЦБ, Ив Мерш, во четвртокот рече дека „криптовалутите не се пари, ниту ќе бидат во скора иднина“.
Биткоинот е „комбинација од меур, пирамидална измама и еколошка катастрофа”, рече Агустин Карстенс, шефот на БИС.
Тој ги повика централните банки да ја прекинат употребата на биткоините и другите криптовалути за да ги спречат да се „прикачат“ на главните институции и да станат „закана за финансиската стабилност“.