Од понеделник осигурениците нема да можат да користат услуги на Фондот за здравствено осигурување, освен за неколку неопходни и итни случаи. Од Синдикалната организација соопштија дека вработените во ФЗО стапуваат во штрајк, поради можното намалување на нивните плати. Нема да има исплата за капитација на матичните лекари, ниту за лекови за аптеки, ниту, пак, плати во јавното здравство, а во подрачните единици ќе има само по еден вработен кој ќе биде задолжен за прием на документи.
Синдикат на УПОЗ- Сакаме да ја известиме јавноста дека сите подрачни единици на ФЗО ќе штрајкуваат и ќе ги извршуваат само нужните и неопходни работни задачи и тоа:
– Пријава на малолетно лице како член во осигурување;
– Регулирање на осигурување за хоспитализирано лице;,
– Лекување во странство за итни случаи,
– Само еден вработен во подрачните единици ќе биде задолжен за прием на документи.
Ваквата најава за штрајк следува откако Синдикат на УПОЗ веќе извесен период алармира дека во оваа ситуација се доведени поради барањето на Министерство за финансии за намалување на платите на вработените во ФЗО за 21 отсто. Според Синдикатот, проблемот се продлабочува затоа што во моментов Управниот одбор не може да донесе одлука, затоа што е поделен, а за да се донесе било каква одлука потребно е мнозинство гласови.
Од Министерството за финансии, пак, велат дека со оваа одлука ќе има фискални импликации во буџетот на Фондот, но не како што тврдат од Синдикалната организација на ФЗО и дека не се работи за намалување на платите, туку се прави обид за нивно повторно зголемување.
Инаку, во преговорите на Синдикатот со раководството и Управниот одбор во јули 2023, бил постигнат договор за покачување на платите во висина од 15 проценти во неколку фази.