Одлуката за намалување на цените за најмалку 10% од денеска стапува на сила, откако синоќа експресно беше објавена во Службен весник.
Како што беше најавено од Министерството за економија, во дел од маркетите веќе може да се забележи и ознаката „гарантирана цена“ на производите кои се најдоа на листата. Во некои од нив се забележува намалување за 10 до 20 денари од цената која се применувала на 1 ви август на 25 категории прехрамбени производи, покажа обиколката на Канал 5 во неколку ланци на супермаркети.
Од министерството информираат дека некои од маркетите сеуште чекаат да се испечатат ознаките, а потоа и да им се достават, со оглед на тоа што станува збор за околу 1.200 шифри на производи кои треба да се обележат.
Дел од граѓаните кои ги затекнавме пред маркетите велат дека сега за сега не забележале драстично намалување на цените.
По најавените зголемени инспекции по маркетите, од ДПИ за Канал 5 велат дека инспекторите ќе излезат на терен уште денеска, но со оглед на тоа што одлуката е штотуку стапена на сила, деновиве ќе имаат толеранција во однос на поставувањето на ознаките, бидејќи како што велат оттаму, потребно ќе им е на трговците одредено време да се подготват и прилагодат на оваа нова одлука, а истото го потврдува и министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој вели дека извршил координација со инспекторатот, па попладнево се очекува тие да излезат на терен.
Бектеши денеска преку социјалните мрежи информира дека во кампањата „гарантирана цена“, дополнително ќе се вклучат и домашни производители на алкохолни и безалкохолни пијалоци, како минерална вода, сокови, пиво.
Се очекува веќе од наредната недела и тие да се најдат во рафтовите на маркетите со намалени цени за најмалку 10%.