Уште два дена трае мерката загарнтирани цени на прехранбените производи и од петок повеќе овие мерки нема да важат. Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок и велат ова лудило со цените мора да престане.
На долг рок овие мерки не даваат ефект и затоа крајно време е државата да го прекине овој пакет мерки, бидејќи трговците успеале да изнајдат свое решение за непочитување на истиот, вели за 24, економистот Глигор Ивановски.
Министерството за економија пресече и нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени, туку, како што најави ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи.“ – вели Бектеши.
Експертите веќе предупредија дека е можно крајот на мерката за гарантирани цени да предизвика турбуленции на пазарот кој многу веројатно дека ќе ја подгрее инфлацијата.
Заштита од евентуален ценовен шок од први март се очекува од Законот за фер трговски практики, кој треба да се донесе до крајот на неделата. Непочитувањето на истиот ќе се казнува и до 20 илјади евра.