Рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“ денеска поставил нов рекорд во дневната испорака на гас за Кина преку гасоводот „Силата на Сибир“, се вели во соопштението за печат на руската компанија.

„Од 1 декември, во согласност со барањето на кинеската страна, дневните испораки преку гасоводот „Силата на Сибир“ се на максимално договорено ниво. Сега и овој обем е надминат – достигнат е нов историски максимум на дневен извоз на руски гас за кинеските потрошувачи“, пишува во соопштението.

„Гаспром“, сепак, не прецизираше за колкаво количество станува збор. Испораките се вршат во рамките на билатералниот долгорочен договор за купопродажба на гас меѓу компанијата и Кина.

На 1 декември, „Гаспром“ го постави максималното договорено ниво на дневна испорака на гас во Кина преку гасоводот. Пред тоа, енергетската компанија планираше гасоводот да го достигне својот проектен капацитет од 38 милијарди кубни метри гас од 1 јануари.