Работодавачите да исплатат плата за октомври, а откако ќе се донесе Законот за финансиска поддршка на приватниот сектор Управата за јавни приходи ќе го корегири образецот за да им додели финансиска поддршка односно субвенција. Со четвртиот пакет мерки, Владата предвиде финансиска поддршка на приватниот сектор и стимулирање на компаниите за враќање и задржување на работниците на работните места. Овој предлог закон е во собраниска процедура и од УЈП велат дека очекуваат да биде донесен во најкраток можен рок.
„Имајќи го во предвид фактот дека законот сеуште не е донесен како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите, велат од УЈП.
Барањето за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати ќе се поднесува до УЈП преку системот е-Даноци, a УЈП во рок од 3 дена ќе ја провери и потврди комплетноста на барањето.
Од Управата за јавни приходи објаснуваат како е подготвен системот е-Даноци.
„Работодавачот со комплетно барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б од месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН образец) внесува шифра 5001, а работодавачот кој може да истовремено да користи и друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира со шифрата 5001. По обработка на МПИН образецот, Управата за јавни приходи ќе го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец, велат од УЈП.