Со овој закон, инициран од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, земјоделците, угостителите, хотелиерите и домаќинствата ќе можат да вработуваат лица за извршување сезонски или повремени задачи, но под услов тие работници да бидат пријавени во Агенцијата за вработување и да се плаќаат соодветните даноци и придонеси
Сезонската и повремената работа наскоро би можела да добие целосна правна рамка, откако во Собранието беше поднесен предлог-закон за ангажирање лица за овој вид работни ангажмани. Законот, инициран од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, има за цел да стави ред во досега нерегулираниот пазар на краткорочна работа и да ги заштити работниците од неформални вработувања без социјални придобивки, објаснува Денар.
Со овој закон, земјоделците, угостителите, хотелиерите и домаќинствата ќе можат да вработуваат лица за извршување сезонски или повремени задачи, но под услов тие работници да бидат пријавени во Агенцијата за вработување и да се плаќаат соодветните даноци и придонеси. Оваа новина треба да придонесе за намалување на „сивата економија“ и подобрување на заштитата на работниците што досега честопати беа оставени без никаква социјална сигурност.
Предлог-законот предвидува дека како сезонски работници ќе можат да се ангажираат студенти, пензионери, невработени лица и корисници на социјална помош.
Важно е што овие лица нема да ги изгубат своите права на стипендија, старосна или семејна пензија, како и надоместоците за невработеност и социјална заштита.
Со овој закон, првпат се дозволува и вработување на малолетници под 18 години, но само доколку ги исполнуваат условите за засновање работен однос, во согласност со општите прописи за работни односи.
Сезонските и повремените работници ќе можат да бидат ангажирани во повеќе економски гранки, какви што се земјоделството, угостителството и услужните дејности.
Во земјоделството и шумарството, сезонските работници ќе може да се вклучат во активности како подготовка на земјиште, садење, сеење, жнеење, наводнување, заштита на растенија, берба на овошје и зеленчук, управување со земјоделски машини, одгледување стока, пасење и слични задачи.
Во угостителскиот сектор, сезонските работници ќе може да се вклучат како келнери, шанкери, готвачи, собари, доставувачи на храна, аниматори и хостеси.
Домаќинствата, пак, ќе може да ангажираат сезонски работници за чување деца, грижа за стари лица, чистење на домови и одржување заеднички станбени простории. Домаќинствата, земјоделците и угостителите ќе можат да ангажираат работници за најмногу 120 дена во текот на една календарска година. Поединечно, едно лице може да работи најмногу 60 дена како сезонски работник или 60 дена како повремен работник, но не повеќе од 15 дена во еден месец. Дополнително, се воведуваат и ограничувања за работодавачите – тие ќе можат да ангажираат најмногу 10 сезонски работници истовремено, но не повеќе од 10% од вкупниот број вработени.
Работодавачите исто така нема да смеат да ангажираат лица што биле вработени кај нив во претходната година, освен ако станува збор за лица што се пензионирале или добиле семејна пензија.
Сезонските работници ќе имаат право на соодветен финансиски надоместок што мора да биде исплатен на нивната трансакциска сметка најдоцна пет дена по завршувањето на работниот ангажман. Исплатата на плата во готово нема да биде дозволена, што треба да спречи непријавена работа и затајување данок, а минималниот основен нето паричен износ по час нема да смее да биде понизок од минималната плата пресметана на часовна основа, што ќе ја утврдува Министерството за економија и труд.