Вештачката интелигенција го погодува глобалниот пазар на труд „како цунами“, изјави за „Reuters“ извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.
„Технологијата најверојатно ќе влијае на 60% од работните места во развиените економии и 40% од позициите во светот во следните две години“, коментира Георгиева на настан во Цирих.
„Имаме многу малку време да ги подготвиме луѓето за ова, бизнисите да бидат подготвени за ова“, истакна таа на настанот организиран од Швајцарскиот институт за меѓународни студии, поврзан со Универзитетот во Цирих.
„Таа (вештачката интелигенција) може да доведе до огромни зголемувања на продуктивноста ако добро управуваме со неа, но исто така може да доведе до повеќе дезинформации и, се разбира, поголема нееднаквост во нашето општество“, додава таа.
Георгиева рече дека глобалната економија станала поподложна на шокови во последните години, мислејќи на пандемијата во 2020-та година, како и на војната во Украина.
„Иако очекуваше повеќе шокови, особено поради климатските промени, економијата остана неверојатно еластична“, рече шефот на ММФ.
„Не сме во глобална рецесија“, рече Георгиева, која беше нападната од демонстранти кои повикуваа на акција за климатските промени и справување со долговите на светот во развој.
„Минатата година имаше стравувања дека повеќето економии ќе влезат во рецесија, но тоа не се случи. Инфлацијата, која не погоди многу тешко, слабее речиси насекаде“, додаде таа.