Осумнаесет години по воведувањето на еврото граѓаните на Германија сѐ уште ја чуваат старата германска валута, марките, во вредност од 12,46 милијарди марки (6,37 милијарди евра), објави Централна банка на Германија.

„Од 12,46 милијарди марки колку што грашаните сѐ уште не размениле во евра, 5,83 милијарди отпаѓаат на банкноти, а 6,63 милијарди на монети“, објави Дојче бундесбанк.

Притоа од банкнотите најмногу ги има оние со поголема вредност, во апоени од 100, 500 и 1.000 германски марки.

Секоја година Германците разменуваат германски марки во вредност од 35 до 45 милиони евра.

Но најголемото количество германски марки е повлечено од оптек веднаш по воведувањето на еврото на почетокот на 2002.

За разлика од останатите земји што го воведоа еврото, во Германија нема временско ограничување до кое старата валута мора да се смени во евра.

Курсот на размената е сѐ уште непроменет: едно евро вреди 1,95583 германски марки.