Германското здружение за автомобилска индустрија VDA ја повика Европската унија да се откаже од новите царини за кинеските електрични автомобили.
Здружението VDA наведува дека воведувањето повисоки тарифи ќе предизвика штета на европските и американските производители на автомобили кои извезуваат од Кина, како и дека какви било одмазднички мерки на Пекинг тешко ќе ја погодат германската автомобилска индустрија, пренесува Reuters.
Организацијата додава дека вредноста на извозот на патнички автомобили од Германија во Кина минатата година била три пати поголема од вредноста на увозот на возила од Кина.
„Тарифите насочени против субвенциите не се соодветна мерка за зајакнување на европската конкурентност и издржливост на долг рок“, се наведува во соопштението.
Германската организација смета дека наместо тарифи, Европската унија треба да обезбеди пристап до критичните суровини за европската автомобилска индустрија, како и да се фокусира на создавање транспарентна трговска политика и намалување на бариерите за пристап до пазарот.
Последното истражување на Институтот за економски истражувања “IFO” покажа дека германските експерти се поделени околу тарифите за кинеските електрични возила.
Третина од анкетираните економисти веруваат дека царините се правилен потег, додека третина стравуваат од трговска војна и сметаат дека царините воопшто не треба да постојат.