Колку помалку пари има, толку е попопуларно онлајн купувањето. Ова важи за сите држави во ЕУ, а посебно за Германија. Имено, речиси три четвртини од Германците купиле нешто на кредит, покажува истражувањето на институтот „Југоу“(YouGov“) за Тим Банк (Tim Bank).

Од 3.160 граѓани на возраст од 18 до 79 години од репрезентативен примерок, 73 отсто користеле барем еден вид на купување на кредит, јави агенцијата ДПА. Најпопуларна опција е потрошувачки кредит, кој го искористиле 38 отсто од испитаниците. Следи купување на дозволениот минус, со 29 проценти. 26 отсто од испитаниците користеле плаќање со кредитна картичка на рати, а 28 подигнале заем за голем трошок, како што е купување на недвижен имот.

 

 

Банката за која е спроведено истражувањето наведува дека потрошувачите со повисоки примања полесно се одлучуваат да земат некаков вид на кредит. Кај корисниците на кредит, 46 отсто живееле во домаќинство со нето месечен приход од над 4.000 евра. Од друга страна, кај оние со приход под 1.000 евра месечно, кредит земале само 13 отсто. 27 отсто од испитаниците не искористиле никакво финансирање. Од оние што го направиле, 56 отсто изјавиле дека го земале кредитот само во исклучителни случаи. Инаку, речиси секој трет корисник на кредити – 30 проценти од нив – се грижи дали ќе може навреме да ги подмири обврските, а точно една третина имаат помалку пари на располагање од пред една година.