Германската влада донесе одлука за зголемување на минималната саатнина на 12 евра, соопшти владата во Берлин.
„Од зголемувањето на минималната плата ќе имаат корист повеќе од шест милиони граѓани, пред се жени, како и вработените во источниот дел на земјата“, изјави министерот за труд, Хубертус Хеил од Социјалдемократската партија на Германија.
Хеил рече дека зголемувањето на минималната саатнина од 9,82 на 12 евра, исто така, им користи на вработените кои „ги одржувале виталните функции на општеството“ за време на пандемијата, како што се старателите и другите вработени во занимања релевантни за функционирањето на системот.
Минималната саатнина прво треба да се зголеми на 10,45 евра во јуни, а потоа на 12 во октомври.
Владата ваквата одлука ја оправда со поскапувањата на трошоците за живот, како и на становите во Германија.
„Ова зголемување на трошоците за живот ја доведе во прашање можноста за покривање на тековните трошоци за луѓето кои работат со минимална саатнина со полно работно време“, се вели во соопштението на Владата.
Зголемувањето на минималната плата мора да го одобри Бундестагот, каде владејачката социјалдемократско-зелено-либерална влада има мнозинство.
Германскиот сојуз на синдикати (ДГБ) ја поздрави одлуката на владата како важен сигнал во борбата против осиромашувањето на вработените.