Германија и Франција го отфрлија барањето на Русија европските земји да го платат рускиот гас во рубли, велејќи дека тоа е неприфатливо прекршување на договорот и „уцена“.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек на прес-конференција рече дека се уште не видел декрет на рускиот претседател Владимир Путин, но дека Германија е подготвена на сите сценарија, вклучително и прекин на испораката на руски гас за Европа.

Обидот на Русија да ги подели западните сојузници барајќи плаќање за гас во рубли не успеа, рече Хабек. Нема да дозволиме да бидеме уценувани, додаде тој.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер изјави дека Франција и Германија го одбиле руското барање.

Путин денеска рече дека потпишал декрет со кој се бара од странските купувачи да плаќаат за рускиот гас во рубли од 1 април, или во спротивно договорите ќе бидат раскинати.

„За да купат руски гас треба да отворат сметка во рубли во руските банки. „Од утре ќе се плаќа гас од тие сметки“, изјави Путин на телевизија.

„Доколку не се плати на овој начин, ќе го сметаме за грешка на купувачот, со сите последици што тоа ги носи. Никој не ни дава ништо бесплатно, па нема да бидеме ниту хуманитарна организација. Така, постоечките договори ќе бидат раскинати“.

Одлуката на Путин доведе до пораст на вредноста на рублата, која падна на историски ниско ниво откако Западот воведе драстични санкции поради руската инвазија на Украина на 24 февруари.

Но, западните компании и влади го отфрлија таквиот потег како прекршување на постоечките договори според кои гасот се плаќа во евра и долари.

Путин рече дека целта на декретот е да се зајакне суверенитетот на Русија, која ќе ги исполни своите договорни обврски.

Русија обезбедува околу една третина од потребите за гас на Европа.