Германија сака да го прекине увозот на руски јаглен и нафта до крајот на годинава, изјави министерот за економија Роберт Хабек.

Хабек рече дека целта на Германија е да ја запре употребата на руски јаглен наесен за да може да стане речиси независна од нафтата од Русија до крајот на годината.

Германија во моментов добива околу половина од јагленот и нафтата од Русија.

Хабек рече дека целосниот прекин на снабдувањето на неговата земја со руски природен гас ќе биде тешка задача, но дека владата работи под голем притисок да го стори тоа.

Минатиот месец германската влада го запре проектот за гасоводот Северен тек 2, чија цел беше да донесе дополнителен природен гас од Русија во Германија.

Хабек предупреди дека воведувањето на сегашното ембарго за увоз на сите извори на енергија од Русија може да доведе до губење на стотици илјади работни места и да ги направи греењето и електричната енергија недостапни за многумина.