Годинава и следната година ќе се зголеми бројот на банкротирани компании во Германија, пред сè поради повисоките цени на енергенсите, засилената инфлација и проблемите со синџирите на снабдување.
300.000 домашни компании сега имаат финансиски проблеми, вели ревизорската агенција Crif во студијата објавена вчера, за која поминала низ податоците на речиси три милиони компании.
Во ноември банкротирале 15,6 отсто од фирмите, повеќе отколку во март, пренесува dpa.
„Надуените трошоци за енергија, прекините во синџирите на снабдување и инфлацијата предизвикуваат проблеми за многу компании“, рече менаџерот на филијалата на Crif во Германија, Франк Шлајн. Тој ги припишува тешкотиите на послабата домашна потрошувачка „поради поскапувањата и инфлацијата“.
Агенцијата прогнозира дека бројот на корпоративни банкроти во Германија оваа година ќе биде за 3,6 отсто поголем од 2021 година.
„Сега пресметуваме дека во 2022 година 14.500 компании ќе бидат несолвентни“, рече Шлајн, додека во наредната година тој број ќе порасне на 17.000.
Лани, според официјалните податоци, имало 13.993 стечаи на фирми, најмалку од стапувањето во сила на сегашната регулатива во 1999 година.
Сепак, ова се должи на посебните регулативи за пандемијата, односно прогледувањето низ прсти за компаниите кои во нормални околности би пропаднале поради неликвидност или презадолженост.
Нормалните околности повторно стапија на сила на 1 мај минатата година, а до почетокот на оваа година беа изземени само компаниите кои претрпеа штети во поплавите во летото 2021 година.