Заклучокот од ноемврискиот извештај што вчера го објави Институтот за економски истражувања „ИФО“  од Минхен е дека сѐ повеќе германски компании во трговијата на мало сакаат да ги зголемат цените во блиска иднина, особено на храната и пијалоците.

Според извештајот, индексот што ги мери очекувањата за раст на цените во германската малопродажба се зголеми од октомвриските 21,9 на 26,4 поени, а во секторот храна и пијалаци од 39,7 на 50,8 поени.

Спротивно на тоа, очекувањата за цените во секторите на услуги поврзани со потрошувачите продолжија да паѓаат, од октомвриските 18,5 на 15,8 поени, така што тие сега се најниски од март 2021 година.

Во германската градежна индустрија сѐ повеќе компании планираат да ги намалат цените, што важи и за производниот сектор, се додава во извештајот.

Најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) покажува дека светските цени на храната во ноември се зголемија четврти месец по ред и сега се највисоки од април 2023 година.