Германската амбасада во Скопје денеска со соопштение реагираше на бројните дезинформации во јавноста и појавата на лажни посредници за вадење на работни визи. Повод се шпекулациите за укинување на визите за работа.

На македонските граѓани и од почетокот на следната година, како и досега, ќе им биде потребна виза за да можат да работат во Германија, соопшти германската амбасада во Скопје. Повод за соопштението се бројните дезинформации во јавноста дека од 1 јануари следната година на граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, наводно, повеќе нема да им биде потребна работна виза за работа во земјите на ЕУ.

Овие информации не се точни.

На граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ потребна им е како досега, така и по 1.1.2019 г., валидна работна виза во Германија. Барањето за виза може да се поднесе само во германската Амбасада во Скопје и само таму се издава визата“, соопштуваат од амбасадата.

Оттаму уште укажуваат и дека амбасадата не соработува со посредници или агенции во процесот на издавање на визите. Повод е појавата на такви агенции и луѓе кои се претставуваат како посредници во процедурата, и ветуваат забрзување на постапката.

„Преку нив не може да се добие ниту термин порано ниту пак да се забрза визната постапка. Таксата за виза изнесува по правило 75 евра и се наплаќа во готово директно на шалтерот за виза кога се поднесува барање за виза. Други такси нема во Визното одделение. Добивањето на обрасците и на упатствата, како и закажувањето на терминот се бесплатни.

Ве молиме да се информирате на веб-страната на германската Амбасада за предусловите и за времето на чекање за добивање на работна виза“, велат од амбасадата.

 

Извор : DW