Годините на лоши одлуки и лоша среќа го урнаа германскиот економски модел токму кога на остатокот од Европа му требаат индустриски „мускули“ за да му помогнат на регионот да одржи чекор со Кина, да се справи со војната во Украина и да одговори на сè поизолаторните политики од САД. Наместо тоа, Германија се соочува со најголема криза од обединувањето.

Германија доаѓа до точка од која нема враќање. Бизнис-лидерите го знаат тоа, луѓето во земјата го чувствуваат тоа, но политичарите не излегоа со одговори. Тоа ја постави најголемата европска економија на пат кон пад, кој се заканува да стане неповратен.
По пет години стагнација, германската економија сега е пет отсто помала отколку што би била ако се задржеше трендот на раст пред пандемијата на ковид-19.
Што е уште позагрижувачки, „Блумберг“ проценува дека најголемиот дел од економскиот недостиг ќе биде тешко да се надомести, поради структурните удари, како што се загубата на евтините руски енергенти и неможноста на „Фолксваген“ и „Мерцедес бенц“ за одржување чекор со кинеските автомобилски фирми. Падот на националната конкурентност значи дека секое домаќинство бележи загуба од околу 2.500 евра годишно.
Предвремените избори нудат шанса за промена на курсот, но трендот на постепено пропаѓање во извесна мера создава чувство на итност. Ризик претставуваат здодевните одговори на политиките, кои ја немаат потребната амбиција за справување со основните предизвици.
– Германија не се распаѓа прекуноќ. Тоа е она што го прави ова сценарио апсолутно страшно застрашувачко. Тоа е многу бавен, многу долготраен пад. Не на компанија, не на град, туку на целата земја, со што ја влече надолу и Европа – рече Ејми Веб, основачка и главна извршна директорка на институтот „Фјучер тудеј“, кој ги советува германските компании.
Изгледа дека Германија губи поголем дел од своето производство, а извозот се намалува додека компаниите ги зауздуваат домашните инвестиции. Како што еродира животниот стандард, гласачите бараат виновници што ќе ги обвинат, а општествените тензии ги оддалечуваат странските таленти, кои очајнички ѝ се потребни на земјата. Токсичниот коктел на претпазливост и незадоволство тогаш ќе се прошири низ Европа.
– Животот на сите, малку по малку, станува полош – рече Веб.
Годините на лоши одлуки и лоша среќа го урнаа германскиот економски модел токму кога на остатокот од Европа му требаат индустриски „мускули“ за да му помогнат на регионот да одржи чекор со Кина, да се справи со војната во Украина и да одговори на сè поизолаторните политики од САД. Наместо тоа, Германија се соочува со најголема криза од обединувањето.
Пред 35 години, падот на Берлинскиот ѕид ги обедини Германците зад огромниот план за трошење со цел интегрирање на поранешниот комунистички Исток. Сега земјата е горко поделена и поларизираното гласачко тело веројатно нема да издаде јасен мандат за администрацијата што ќе ја преземе контролата по изборите во февруари.
– Конкурентната позиција на германската индустрија се влоши – рече Јоаким Нагел, претседател на Бундесбанк, во говорот во Луксембург претходно овој месец.
Додека економистите и бизнис-лидерите апелираат за намалување на бирократијата, модернизација на инфраструктурата и забрзување на напорите за дигитализација, политичката поделба се заканува да ја задржи Германија на патека што се фокусира на одржување на состојбата статус кво, наместо да се насочува кон иднината.
Како што списокот на проблеми станува подолг, потенцијалот за раст на Германија – стапката со која нејзината економија може да се шири без да генерира инфлација, се намали на само 0,4 отсто, според Советот на економски експерти на земјата.
За да ја заживее конкурентноста, Германија треба да троши повеќе. Само за да стигне до другите напредни економии, земјата ќе мора да ги зголеми годишните инвестиции во инфраструктурата и другите јавни добра за околу една третина, до 160 милијарди евра, според „Блумберг“. Тоа е пораст еднаков на повеќе од еден отсто од БДП.
Но не е сè мрачно. Германија очигледно има најнизок коефициент на долг од која било земја од Г7, што дава можност за трошење доколку постои политичка волја.
– Стабилноста на германскиот економски систем каков што го познаваме со децении се распаѓа. Нема сомнеж дека треба да се дејствува сега – заклучува главниот извршен директор на групацијата „Тисен круп“, Мигел Лопез.