Германскиот бизнис ќе започне воведувањето на вонредни планови за спроведување на своите активности, ако следната недела Велика Британија и Европската унија (ЕУ) не се договорат за преодиот период, базиран на овој статус кво.
„Бараме основно решение за ова прашање од страна на ЕУ и британската влада за време на состанокот на Европскиот совет. Инаку некои компании ќе бидат принудени да воведат вонредни планови за најлошо можно сценарио што никој не сака и ќе им наштети на сите“, изјави управниот директор на влијателната Федерација на германските индустрии (BDI) Јоаким Ланг, цитиран од агенциите.
Според организацијата германскиот бизнис сака длабока интеграција меѓу Велика Британија и ЕУ по „Brexit“. Од „BDI“ посочија дека најпрепорачлива опција е во која земјата останува во царинската унија и единствениот пазар – нешто што британската влада веќе го отфрли.
Во исто време германските компании се подготвуваат за секаков можен излез од преговорите меѓу Лондон и Брисел, вклучувајќи и т.н. „Hard Brexit“, при што не се постигне никаков договор. Според зборовите на Ланг самитот следната недела (22-23 март) ќе биде од клучно значење.
„На нашите компании им е потребна предвидливост. Сега имаме шанса да ја намалиме несигурноста за компаниите од двете страни на Ла Манш“, рече тој, без да прецизира на што ќе се изразуваат вонредните планови.
Слична позиција изјави и претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, кој побара од британскиот премиер Тереза Меј да претстави уште детали за тоа како нејзината земја ги замислува идните односи со Брисел.
„Очигледно е дека ни треба уште појасни работи, ако постигнеме разбирање за идните односи“, рече Јункер за време на дискусија во Европскиот парламент во Стразбур на застојот во преговорите со Лондон, цитиран од „Bloomberg“. Според него сега е времето за трансформирање на „говорите во договори на обврските во договори и за преминот од говорите, општите претпоставки и желби за идните односи кон конкретни применливи решенија“.
Тој додаде и дека со секој изминат ден итноста од постигнувањето на договор со Лондон расте.