Германската Влада денеска ја намали прогнозата за овогодишниот економски раст, наведувајќи дека тој ќе изнесува само 2,2 отсто. Министерството за економија во јануари предвиде дека бруто домашниот производ (БДП) годинава ќе се зголеми за 3,6 проценти.
БДП на Германија минатата година порасна 2,9 отсто, а според предвидувањата на Владата следната година ќе забележи раст од 2,5 проценти.
– Прогнозата за раст на БДП од 2,2 отсто во 2022 година се заснова на претпоставката дека нема да има енергетско ембарго или блокада на испораките на гас од Русија, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек.
Германската Влада денеска одобри пакет мерки наменети за намалување на притисокот врз потрошувачите погодени од повисоките цени на енергијата. Мерките вклучуваат намалување на даноците за гориво, евтини билети за јавен превоз и еднократни плаќања од неколку стотици евра за секој даночен обврзник.