Лоши прогнози за германската економија. Експертите предвидуваат дека компаниите планираат намален број вработувања, а не се исклучуваат ниту отпуштања. Последните податоци укажуваат на раст на невработеноста.
Компаниите во Германија планираат помал број на вработувања поради актуелната лоша економска клима во земјата, соопшти водечкиот економски институт. Институтот ИФО во вторникот соопшти дека барометарот на вработување паднал на најниското ниво во последните три години. Во февруари годинава, нивото паднало на 94.9 поени, пониско од постигнатите 95.5 во јануари и 96.5 во декември.
„Поради слабата економија, компаниите го одложуваат вработувањето нови луѓе“, вели Клаус Волрабе, директор за истражување во ИФО.
„Повеќе не можат да се исклучат ниту отпуштања“, додава тој.
Секој месец минхенскиот институт анкетира 9.500 индустриски, градежни, продажни и услужни компании за нивните планови во следните три месеци.
Бројки како во пандемијата
Последниот пат кога барометарот беше толку низок како сега беше во периодот на пандемијата на коронавирусот во февруари 2021 година.
„Во производството, знаците укажуваат на намалување на работните места“, се вели во извештајот на ИФО. И германските трговци планираат да работат со намален персонал, додека тешката ситуација во градежната индустрија секако ќе се одрази на вработувањата. Иако барометарот за услужните дејности е се уште позитивен, и таму е значително намалена побарувачката за работници.
Единствени позитивни се секторите ИТ и консултантски услуги, каде барањата за нов персонал се големи.
Раст на невработеноста
Бројот на невработени во Германија во февруари годинава пораснал за 8.000 луѓе, и достигна 2,8 милиони. Во споредба со истиот период минатата година, бројот на невработени е зголемен за 194.000 луѓе. Процентуално, стапката на невработеност останува стабилна на 6,1% од работоспособното население. Иако бројот на слободни работни места паднал за 72.000 од минатиот февруари, сепак во земјата и натаму има 706.000 отворени работни места.