Германските компании се се повнимателни кога вработуваат нови работници, се вели во извештајот што денеска го објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен за октомври.

Индикаторот што ја мери подготвеноста на германските компании да вработуваат падна од септемвриските 94 поени на 93,7 поени, што е најниско ниво од јули 2020 година.

Состојбата на пазарот на труд со месеци е под влијание на негативен тренд, изјави шефот на истражувањето на ИФО, Клаус Волрабе, пренесува Танјуг.

Според него, во овој момент поверојатно е германските компании да отпуштат вработени наместо да вработуваат нови колеги.

Особено тешка состојба владее во германското производство, каде поради падот на нарачките се намалува и потребата од работници, а слична состојба владее и во трговијата.

Кај давателите на услуги, позитивните и негативните одговори во моментов се речиси во рамнотежа, а бројот на вработени се очекува да биде константен, што важи и за градежниот сектор.

Компаниите кои работат во туризмот и ИТ секторот првенствено бараат нови вработени, се заклучува во извештајот.